Уставниот суд укина два члена од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик

Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски во изјава за медиумите ги образложи причините за оваа одлука и нагласи дека со членовите се направени повреди и од материјална и од формална природа.

 

„Нашите сомнежи за материјалната и формалната повреда на законските одредби се потврди. Во поглед на материјалните , станува збор за повреда на политичкиот плурализам кој претставува темелна вредност на нашиот уставен поредок. Општо познато е дека политичкиот плурализам создава позитивни обврски за државата, што значи државата да овозможи ефективно изразување и подеднакви услови на изразувањето на политичката мисла од било кого, не само за политичките партии. Да обезбеди еднакви и фер услови за политички натпревар, што за жал со укинатите одредби, не било сторено. Се повредува и пасивното право на граѓаните и избирачкото право на граѓаните.

 

Во поглед на формалната страна, Судот оцени дека измените на Изборниот законик не се технички, туку станува збор за суштински измени, станува збор за промена на условот под граѓаните како изборни субјекти може да предлагаат кандидатски листи за учество на изборите и последиците од таквите измени ги засегаа директно правата на граѓаните. Сето ова наместо да се направи на еден неопходен и нужен демократски начин, направено е по скратена постапка, сосема нетранспарентно, без јавна расправа дури и без дискусија и тоа непосредно пред одржувањето на изборите, со што кај Уставниот суд се појави впечаток дека овие измени се направени во суштина за политичките партии, со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати, на самиот број на изборната трка, изјави Костадиновски.

 

За правните импликации претседателот Костадиновски објасни:

 

„Бидејќи станува збор за укинувачка одлука, а не поништувачка, општо познато е дека ние не сме Законодавец, тоа значи дека со оваа одлука, претходното правно правило не’ оживува. Ние не сме Законодавец, ние може да отстраниме спорни норми. Ова значи дека Законодавецот во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина со нашата одлука, во спротивно со евентуално непостапување би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на слободите и правата на граѓаните и тешка повреда на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот поредок“.

 

На прашањето дали може да се доведат во прашање претходните избори, претседателот Костадиновски изјави дека не може да се констатира такво нешто, бидејќи оваа одлука има pro futuro, дејство, е укинувачка а не е поништувачка. Важи од денот кога ќе биде објавена во Службен весник, па натаму.

 

На прашањето што доколку Собранието не го регулира ова прашање, претседателот на Уставниот суд изјави:

 

„Веќе кажав, тоа е тешка повреда на човековите слободи и права и тешка повреда на политичкиот плурализам. Во овој момент нема правно правило во кои услови независните граѓани ќе учествуваат. Собранието е должно веднаш да пристапи во уредување на оваа состојба и притоа веднаш да ги земе во предвид сите наши стојалишта“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.