Зошто Меланија Трамп е нетипична прва дама: нејзиното минато е виновно за сè
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 22 Јануари 2025
Со инаугурацијата почна вториот претседателски мандат на Доналд Трамп (78), а посебно внимание е насочено кон Меланија Трамп (54), која многумина од самиот почеток ја истакнаа како нетипична прва дама. Родена во Словенија, Меланија работеше како модел пред да дојде во САД, а делови од нејзиното минато често беа предмет на медиумска дебата.
Нетрадиционална прва дама
Меланија претходно тврдеше дека е посветена на својот сопруг и неговиот успех, а често ја споредуваат со поранешните први дами, како Џеки Кенеди. Таа самата рече во 1999 година кога Доналд Трамп првпат навести претседателска кандидатура: „Би била многу традиционална, како Бети Форд или Џеки Кенеди“, пренесува Би-би-си. Сепак, поради нејзиното минато, многумина ја нарекуваат нетрадиционална прва дама.
Меланија Трамп е родена во Словенија, а кариерата ја почна како модел. Нејзините фотографии од раните денови на нејзината кариера, вклучувајќи ги и оние на кои позира гола, повторно се појавија за време на претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година. Меѓутоа, Меланија неодамна реши да го брани овој аспект од своето минато преку социјалните мрежи нагласувајќи го уметничкото значење на своите модни ангажмани. Во видеото што го објави таа изјави: „Зошто гордо стојам зад моите фотографии? Прашањето е зошто медиумите избираат да го критикуваат славењето на човечкото тело во модните снимања? Уметноста на човечката форма предизвикува восхит и длабока емоција со векови и треба да го почитуваме телото како моќен израз на самите себе“.
Таа позира за неколку списанија
За време на својата манекенска кариера Меланија учествуваше во неколку фотосесии на кои беше целосно гола. Така, во 1995 година, на 25-годишна возраст, позирала гола за францускиот магазин „Макс“, а фотографиите ги направил францускиот фотограф Але де Басевил, пренесува „Јаху лајфстајл“. Во јануари 2000 година Меланија беше фотографирана за британскиот магазин „Џи-кју“, каде што позира во приватниот авион на Доналд Трамп носејќи само дијамантски накит и метални лисици. Овие фотографии беа повторно објавени и за време на кампањата во 2016 година.
Некои медиуми, како британскиот „Дејли мејл“, во своите извештаи имплицираа дека Меланија работела како сексуална работничка во 90-тите. Поради овие тврдења, Меланија поднесе тужба против „Дејли мејл“, кој подоцна ѝ плати отштета и официјално ѝ се извини.
Иако често беше во центарот на вниманието на медиумите поради своето минато, Меланија водеше затскриен живот како прва дама. За време на првиот претседателски мандат на Трамп, па дури и по него, таа ретко се појавуваше на политички настани избирајќи, наместо тоа, да се посвети на воспитувањето на нивниот син Барон. Сепак, пред минатогодишните избори Меланија навести враќање во јавниот и политички простор објавувајќи серија видеа на социјалните мрежи со политички пораки.
Израсналa во Словенија
Меланија пораснала во индустрискиот град Севница во поранешна Југославија, а уште од рана возраст покажала интерес за уметноста и модата. Татко ѝ Виктор работел како продавач на автомобили, а мајка ѝ Амалија работела во модната индустрија изработувајќи детска облека.
Ова имаше пресудно влијание врз Меланија, која почна да се занимава со манекенство во тинејџерските години. „Отсекогаш се восхитував на способноста на мајка ми да создава прекрасни фустани од обични парчиња ткаенина. Ме инспирира да сакам и самата да бидам дел од модниот свет“, се присети таа еднаш во интервју за „Вог“.
Таа почна да се занимава со манекенство во Љубљана откога во 1992 година ја освои титулата прва придружничка на мис Словенија.
Меланија студирала дизајн и архитектура на Универзитетот во Љубљана, но го напуштила факултетот за да се занимава со манекенство. До средината на 90-тите нејзината кариера доби меѓународни размери и се пресели во Милано и Париз, каде што работеше со големи модни куќи.
Пристигнување во САД и средба со Трамп
Во 1996 година Меланија се пресели во Њујорк, што означи пресвртница во нејзиниот живот. Работејќи во САД, таа имаше можност да работи со престижни модни списанија, вклучувајќи ги „Вог“ и „Венити фер“. Но, клучниот момент се случи во 1998 година кога го запозна Доналд Трамп, тогаш етаблиран деловен магнат и медиумска личност.
Доналд и Меланија се свршија во 2004 година, а се венчаа во јануари 2005 година на церемонија во Палм Бич, Флорида.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс