
Илон Маск: За 5 години роботите ќе бидат подобри и од најдобрите хирурзи
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 29 Април 2025

Основачот на „Тесла“, Спејс икс“ и на „Неуралинк“, Илон Маск, изјави дека роботите набргу ќе ги надминат дури и најдобрите човечки хирурзи.
Маск го напиша ова на X како одговор на објавата на Марио Нафал, основач на „ИБЦ груп“, инвестициска фирма што инвестира во блокчејн-проекти и нови технологии.
„Роботите ќе ги надминат добрите хирурзи за неколку години, а најдобрите за приближно пет“, напиша тој.
Нафал, познат како претприемач во областа на криптовалутите, технологијата и стартапите, ги коментира резултатите од неодамнешните тестови на „медтроник“, една од најголемите медицински компании во светот специјализирана за развој и производство на медицински помагала и технологија.
„Стапките на компликации беа екстремно ниски: само 3,7 проценти за операција на простата, 1,9 процент за операција на бубрег и 17,9 проценти за операција на мочен меур, од кои сите ги надминаа безбедносните цели поставени во текот на повеќегодишните истражувања. Роботот постигна стапка на успех од 98,5 проценти, што е далеку над целта од 85 проценти, што значи дека не само што го помина тестот туку практично постави нова цел“, додаде тој.
„Од 137 операции, само во два случаја беше потребно префрлање на класична хирургија, едниот поради дефект на роботот, а другиот поради комплициран случај на пациент. Ова не значи дека роботите ќе ги заменат хирурзите утре, но значи дека вашиот следен лекар би можел да има многу скап метален асистент“, заклучи тој.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
