Шефот на НАТО: Трамп е во право, Европа е проблем

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска на панел во рамките на Светскиот економски форум во Давос изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право и дека Европа троши премалку за одбрана.

 

„Тој (Трамп) е во право дека проблемот не е во САД. Проблемот е Европа. Делумно поради него, го видовме ова подобрување во однос на трошењето на европската страна на НАТО. Проблем број еден е што ние сè уште не сме на два процента од БДП во одвојувањето за одбрана“, рече Руте на панелот „Украински појадок“.

 

Како друг проблем тој посочи дека „два процента не се ни приближно доволни“. НАТО претходно постави цел да троши 2 отсто од БДП за одбрана, а Трамп неодамна изјави дека земјите од НАТО треба да потрошат 5 отсто од домашниот бруто-производ.

 

Некои официјални лица и аналитичари веруваат дека предлогот на Трамп од пет проценти е намерно висок за да почнат преговорите и очекуваат договорот да биде околу три проценти. „Сега сме безбедни, но НАТО нема да може колективно да се брани за четири или пет години ако останеме на два отсто“, истакна Руте.

 

Тој додаде дека неговиот претходник Јенс Столтенберг почнал процес, кој ќе заврши во мај или јуни оваа година, „до кога ќе одлучиме што точно ни треба во однос на капацитетот“.

 

„Сите (земји членки) што не се на 2 процента мора да достигнат 2 процента во следните неколку месеци. Не можеме повеќе да чекаме, а потоа мораме колективно да го засилиме. Ќе одлучиме за точниот број подоцна оваа година, но тој ќе биде значително поголем од 2“, најави Руте.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.