(Видео) Српскиот премиер даде оставка: Апсолутно сè е планирано од странство, не се сомневам во тоа
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 28 Јануари 2025
На денешната вонредна прес-конференција, српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка.
„Почитувани граѓани, кога на крајот на април минатата година го добив мандатот од претседателот на Републиката, секако имав силно чувство на гордост, но пред се се обидов да ја разберам одговорноста што ја носи оваа функција“, рече Вучевиќ.
„Себеси се гледав како дел од политиката на континуитет од првата Влада на Александар Вучиќ до Владата на Ана Брнабиќ. Горд сум на она што го направивме како Влада заедно со претседателот на Републиката во претходните девет месеци. Мислам дека постигнавме значајни резултати, пред се во областа на економијата“, додаде Вучевиќ.
„Она што фрли голема сенка врз минатата година, но и врз мандатот на оваа Влада, беше трагичниот настан од 1 ноември. Од тој момент Србија како да беше заглавена во таа катастрофа. За жал, уште еднаш ја видовме политичката злоупотреби на таа трагедија“, нагласи тој.
„Она што остава длабоки последици за нашето општество е сериозна поделеност, создавање атмосфера во општеството дека се е на работ на конфликт, дека сме дошле до точка каде што учениците во училиштата се бројат за да се види кој посетува настава, а кој не. Апсолутно сè е планирано од странство. Не се сомневам во тоа“, рече тој.
Инаку, во 10 часот заврши 24-часовната блокада на еден од клучните сообраќајни централи во Белград, во која учествуваа десетици илјади студенти и граѓани, продолжувајќи ги протестите кои траат ширум Србија речиси три месеци, од несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Државниот врв на Србија вчера најави реконструкција на владата и помилување на уапсените учесници во тримесечните протести, тврдејќи дека се исполнети барањата на студентите, чиј бунт добива се поголема поддршка ширум Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во екот на студентската блокада во сообраќајот во Белград, изјави дека ќе ги исполни сите нивни барања и ќе ги помилува уапсените за време на досегашните протести, а истовремено најави и реконструкција на владата.
Студентите одговорија дека нивните барања не се исполнети и дека продолжуваат со блокадите.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс