Се шири дупката што проголта камион во Токио: луѓето евакуирани
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 30 Јануари 2025
Дупката што проголта камион на раскрсница во близина на Токио продолжи да се шири и се спои со друга што се формираше во близина, а спасувачките екипи сè уште работат на спасување на возачот, кој е заробен веќе трет ден.
Дупката, која се формира во вторникот во Јаши, во префектурата Саитама, сега е широка 20-ина метри, објави „Кјодо“.
Локалните пожарникари размислуваат за употреба на тешка механизација за отстранување на нечистотијата и остатоците што се акумулираат во областа.
Иако 74-годишниот возач првично можел да комуницира, контактот бил изгубен во вторникот попладне.
При претресот откриени се оштетувања на канализацискиот систем во областа поради што префектурата почна да исфрла отпадна вода во блиската река Нигата како итна мерка за намалување на количеството вода што влегува во дупката.
Иако испуштањето на отпадните води е невообичаено, слична практика беше спроведена по земјотресот и цунамито во 2011 година што го погодија североисточниот дел на Јапонија.
Властите од вторникот предупредија околу 1,2 милион луѓе во 12 града и населени места да не користат канализација.
Локалните власти ги повикаа жителите на 200 метри од областа на несреќата да се евакуираат, а 20-ина лица од утрово се сместени во блиското средно училиште.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс