
Украина: Во завршна фаза сме од преговорите за договорот за минералите
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 24 Февруари 2025

Украина и САД се во последна фаза на преговори за договорот за минералите, изјави украинскиот вицепремиер Олха Стефанишина.
Зеленски претходно овој месец го отфрли договорот со кој на САД ќе им се даде пристап до украинските минерали.
Сепак, Стефанишина сега потврди: „Украинскиот и американскиот тим се во последната фаза од преговорите за договорот за минерали. Преговорите беа многу конструктивни, речиси сите клучни детали се финализирани“.
„Ние сме посветени бргу да го завршиме ова. Се надеваме дека американските и украинските лидери ќе може да го потпишат и одобрат договорот во Вашингтон што е можно побргу за да ја покажеме нашата посветеност во децениите што доаѓаат“, додаде таа.
И поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека САД и Украина се „многу блиску“ до потпишување договорот за минералите.
Тој рече: „Има многу интересен развој. Верувам дека сме многу блиску до потпишување на овој договор за минерали меѓу САД и Украина“.
Договорот за минерали меѓу САД и Украина беше предложен од американската администрација под претседателот Доналд Трамп. Според предлогот, Украина ќе им отстапи 50 отсто од своите минерали на Соединетите држави како форма на компензација за американската воена и финансиска помош обезбедена за време на војната со Русија.
Зеленски првично одби да потпише таков договор, наведувајќи дека тоа ќе значи продажба на украинските ресурси и дека договорот во сегашната форма не обезбедува соодветни безбедносни гаранции за Украина. Зеленски, исто така, истакна дека американската помош е во форма на грантови, а не заеми и дека Украина не треба да ги враќа овие средства преку нејзините природни ресурси.
И покрај првичното одбивање, преговорите меѓу американските и украинските официјални лица продолжија за постигнување заемно прифатлив договор кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина. Зеленски истакна дека е подготвен да размисли за договор кој ќе обезбеди долгорочна безбедност и економски развој на Украина, но не по цена на суверенитетот над националните ресурси.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
