
Нетанјаху за нападите во Газа: Ова е само почеток
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 19 Март 2025

Израел ја обнови борбата со полна сила против Хамас во Појасот Газа, изјави синоќа премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тој предупреди дека преговорите ќе продолжат само под оган и дека ова е само почеток, јавува Би-би-си.
Неговите изјави следуваат откога израелски авиони извршија масовни воздушни напади врз цели за кои војската рече дека се поврзани со Хамас во Газа.
Повеќе од 400 луѓе загинаа во нападите, објави Министерството за здравство под контрола на Хамас, а стотици се повредени.
Бранот напади беше најтешкиот од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари. Кревкиот прекин на огнот во голема мера се одржа досега, но овој нов бран напади сугерира дека плановите за траен крај на војната можеби повеќе нема да бидат на маса.
Воздушните напади што вчера ги погодија Беит Лахија, Рафа, Нусејрат и Ал-Маваси го прекинаа двомесечниот мир, а болниците повторно беа преполни со жртви.
Нападите врз Газа ги осуди Египет, посредникот во преговорите. „Воздушните напади се грубо кршење на договорот за прекин на огнот и претставуваат опасна ескалација“, изјави Тамим Калаф, портпарол на египетското Министерство за надворешни работи.
„Бев шокиран што војната повторно почна, но во исто време тоа е она што го очекувавме од Израелците“, изјави Хаел, жител на Џабалија ал-Балад, за „Би-би-си арапски“. „Како граѓанин сум исцрпен. Доста е – една и пол година! Доста е“, додаде тој.
Нетанјаху во своето обраќање рече дека Израел се обидел да преговара со Хамас за ослободување на израелските заложници, кои сè уште се држат во Газа. Тој го обвини Хамас дека секој пат го одбива предлогот.
Нетанјаху рече дека Израел ќе продолжи да се бори за да ги постигне сите свои воени цели – „да ги ослободи заложниците, да се ослободи од Хамас и да обезбеди Хамас повеќе да не е закана за Израел“.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се консултирала со Израел пред да ги изврши нападите, изјавија официјални лица. Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Брајан Хјуз, рече: „Хамас можеше да ги ослободи заложниците за да го продолжи примирјето, но наместо тоа, избра одбивање и војна“.
Хамас предупреди дека континуираното насилство од страна на Израел ќе наметне смртна казна за преостанатите живи заложници што ги држи во Газа и го обвини Израел дека се обидува да принуди да се предаде.
Мохамед Закот, генерален директор на болниците во Појасот Газа, за Би-би-си изјави дека „нападите биле толку ненадејни што бројот на медицинскиот персонал не бил доволен за размерите на овие големи напади, па веднаш биле повикани дополнителни тимови“.
Група што ги претставува семејствата на заложниците ја обвини израелската влада дека одлучила да се откаже од заложниците со нови напади – и тие протестираа пред израелскиот парламент.
Израел вели дека Хамас сè уште држи 59 заложници, од кои 24 се верува дека се живи.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
