Орбан: Западната стратегија за уништување на Русија не успеа

Доколку Украина биде примена во Европската Унија, војната што се води таму исто така ќе биде прифатена, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на конференцијата на претседателите на парламентите, што се одржа во Будимпешта на почетокот на оваа недела. Тој посочи дека неколку членки на ЕУ се за продолжување на поддршката на Украина, за да може земјата да ги продолжи своите воени операции.

 

„Имаме различно мислење. Колку подолго трае војната, толку повеќе луѓе ќе умираат, а ситуацијата на бојното поле ќе биде полоша“, рече тој.

 

Во врска со предлогот на Европската комисија за воведување обврска за земјите-членки да се откажат од руските енергетски испораки, Орбан рече дека тоа ќе ја уништи унгарската економија.

 

„Замислете само ако цената на енергијата одеднаш се удвои за домаќинствата и бизнисите. Унгарските семејства нема да можат да се справат со тоа. Унгарците сакаат мир и би сакале што поскоро да се ослободат од политиката на економски санкции“, рече Орбан, додавајќи дека земјите-членки нема да можат да го поднесат економскиот товар што би го претставувало членството на Украина во ЕУ.

 

Според него, раното пристапување на земјите од Централна и Источна Европа и користело на заедницата, но истакна дека ситуацијата со Украина е поинаква. Тоа би бил лош договор, што би резултирало со земјоделска криза, невработеност, задолженост и влошување на условите за живот, смета тој.

 

Тој ја гледа Европа како богата и слаба, што, според него, е најопасната комбинација, поради што повика на зајакнување на заедницата.

 

„Европа може да биде зајакната од националните држави. Таа стана успешна токму благодарение на соработката меѓу националните држави, односно силните лидери на силните национални демократии. ЕУ им должи сè на националните парламенти и ако сака да биде успешна, мора повеќе да ги почитува парламентите, кои не се вештачки институции создадени со договори, туку вистински тела на национално претставување“, рече унгарскиот премиер.

 

Тој, исто така, посочи на заканите од Брисел за намалување на финансирањето на оние кои ги штитат границите на националните држави. Ако тоа не успее, тие ќе ги соборат националните влади и ќе им помогнат на партиите кои се подготвени да се откажат од националниот суверенитет, рече Орбан.

 

„Светот се реорганизира, идеологијата на западниот свет се менува и ние Европејците мора да реагираме на тоа“, рече Орбан и ги замоли учесниците да се фокусираат на прашањата за националниот суверенитет и аспирациите на Украина за членство во ЕУ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.