„Фајзер“ годинава ќе произведе двојно помалку вакцини од тоа што првично го најави

Фармацевтската компанија „Фајзер“ ја намали најавената бројка за производство на вакцината против Ковид-19 во 2020 година, поради доцнењето во воспоставувањето на синџирот за снабдување со суровини, пренесува „Ројтерс“.

Компанијата неодамна објави дека очекува да произведе 50 милиони дози од вакцината против Ковид-19 оваа календарска година, што е помалку од претходно планираните 100 милиони дози. Вакцината на „Фајзер“ се дава во две дози, што значи дека 50 милиони дози се доволни за вакцинирање на 25 милиони луѓе.

Портпаролката на компанијата за „Ројтерс“ изјави дека воспоставувањето на синџирот за снабдување со суровини трае подолго отколку што претходно се очекувало. Таа исто така изјави дека резултатите од клиничките испитувања на „Фајзер“ исто така задоцниле, па затоа се очекува да се произведат и помалку дози пред крајот на 2020 година.

Додаде дека прилагодувањето на производните линии на „Фајзер“ е завршено и дека сега дозите се произведуваат со голема брзина.

Во ноември, „Фајзер“ поднесе апликација до регулаторите во САД за одобрување за вакцината против Ковид-19. Американските власти соопштија дека очекуваат овој месец вакцината да добие зелено светло од регулаторите. Владата на САД очекува 6,4 милиони дози при првата распределба на вакцината.

Регулаторите во Велика Британија веќе издадоа одобрение за употреба на вакцината на „Фајзер“ во таа земја.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.