Курто Дудуш организира протест поради хаосот со градскиот превоз: Да ѝ пренесеме порака на градоначалничката
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 20 Ноември 2024
Градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика сите граѓани да се приклучат на протестот в петок од 13 часот пред канцелариите на Град Скопје поради хаосот со јавниот градски превоз.
„Со цел изразување на своето незадоволство од нефункционирањето на јавниот сообраќаен превоз, Општина Шуто Оризари ги подржува своите граѓани во организација на голем сенароден протест на граѓаните на општина Шуто Оризари пред Град Скопје и ги повикува сите граѓани на Скопје да се приклучат“, вели Дудуш.
Тој ги повика сите засегнати граѓани, ученици, студенти, работници и пензионери да бидат дел од протестот, кој, како што вели, „во моментот ни е крајно решение за да ни се реши проблемот со кој две години живееме во Шуто Оризари и во Скопје“.
„Очекуваме преку протестот да пренесеме пораката до градоначалничката на градот Скопје и до ЈСП дека граѓаните на општина Шуто Оризари и воопшто граѓаните на Скопје треба да добиваат услуги за кои плаќаат и дека нефункционирањето на јавниот превоз веќе втора година не само што влијае на влошување на економската состојба на граѓаните, кои треба да користат приватен превоз, туку влијае и на губење на нивните работни места поради нередовост на работа, отсуство од часови на учениците и непосета на лекари од страна на постарите и болните лица“, додава градоначалникот на Шуто Оризари.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс