(Фото) Кисела Вода добива уште еден нов парк

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше во училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, каде што започнаа градежните активности за уредување на нов парк. Просторот кој долги години беше запуштена депонија, наскоро ќе биде целосно преобразен во модерно катче за одмор, игра и рекреација, велат од општината.

 

 

Овој проект е дел од пошироката заложба на локалната самоуправа за зелена и уредена општина, во рамки на која, во изминатите три и пол години, се уредени и изградени зелени површини и паркови на повеќе од 80.000 квадратни метри низ Кисела Вода. Новиот парк ќе биде збогатен со дрвја, урбана опрема, осветлување и детско игралиште, достапно како за учениците од училиштето, така и за жителите од околината, наведуваат од општината.

 

 

„Денес, започнуваат градежните активности за уредување на дел од просторот на училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”. Се работи за изградба на нов, голем парк кој до вчера беше депонија и кој за кратко време од сега ќе биде преуреден во ново катче кое ќе понуди содржини за сите генерации.

 

Го уредуваме со парковско зеленило и дрвца, урбана опрема, осветлување и модерно детско катче каде најмлaдите жители од нашата општина ќе можат да уживаат во својата игра. Сето ова, хортикултурно ќе го уредиме за да изгледа уште поубаво. Сакам да се заблагодарам на општествено одговорната компанија за оваа вредна донација, која ги препозна нашите заложби за чиста и зелена општина. Овој пример, треба да го следат и другите.

 

 

Исто така, огромна благодарност до министерката за образование Весна Јаневска, која заедно со директорката на училиштето Александра Јаковчевска овозможија овој запуштен простор и депонија, да стане модерен парк кој покрај дечињата од училиштето, ќе можат да го користат и жителите од овој дел на општината.

За скоро време, граѓаните од овој дел на Кисела Вода добиваат катче каде ќе можат да се сретнат, да одморат, да се рекреираат или едноставно да уживаат на отворено. Промените се случуваат и продолжуваат секој ден, нема запирање“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.