„Прашањето е решено, конечно и неповратно“: грчкото МНР ја оценува како провокација изјавата на Мицкоски
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 23 Јануари 2025
Атина излезе со официјален одговор на неодамнешните изјави на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој посочи дека Скопје не го смета спорот за името со Грција решен, пишуваат денеска грчките медиуми.
Мицкоски, соопшти МНР на Грција, „се обидува да го врати во преден план едно од прашањата кое веќе е решено, како што знаеме – конечно и неповратно“.
Тоа, како што пишуваат грчките медиуми, е одговор на коментарите на Мицкоски на собирот на „Северномакедонците“ во Њу Џерси во средата за време на неговата посета на САД за инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.
„Треба да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим ако сакаме, конечно, македонското прашање да дојде до својата завршница. Нашето прашање не е решено. Тоа тлее со векови и сè уште постои“, рече премиерот на Северна Македонија, цитиран од весникот „Република“, стои во написите на медиумите во Грција.
„Овој настан претставува провокација за Грција обидувајќи се да го врати на преден план прашањето кое е решено, како што знаеме – конечно и повторно“, велат од Миинистерството за надворешни работи на Грција.
„Грција потсетува дека натамошниот напредок на билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот курс на соседната земја бараат целосно почитување на договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од иредентистички прокламации и претензии кон соседните земји“, е истакнато од грчкото министерството.
Изјавата се однесува на историскиот договор потпишан меѓу Атина и Скопје во 2018 година за решавање на деценискиот спор за името.
Грчките медиуми анализираат дека „откога ја презеде функцијата минатото лето, Мицкоски, националист, често ги прекршува условите од договорот нарекувајќи ја неговата земја Македонија наместо да го користи уставното име Северна Македонија“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс