За веледрогеријата „Пановски“, изјавите на Лефков се директна закана и клевета, најавуваат правни дејства
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 24 Јануари 2025
Веледрогеријата „Пановски“ реагира на изјавите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот пратеник Миле Лефков, кој денеска на прес-конференција рече дека веледрогеријата „Д-р Пановски“ „е сопственост на таткото на Ирина Пановска, која Венко Филипче ја постави за директорка на Клиниката за хематологија од 2022 година и до сега зела неверојатни 35 милиони евра тендери, само од Клиниката за онкологија и радиотерапија“.
„АД „Д-р Пановски“ Скопје не е политичка партија и не учествува на избори, туку е приватна компанија, меѓународен конзорциум, во кој има ЕУ и швајцарски капитал, и е основана пред 30 години. Оттука, обидот да бидеме вовлечени во дневнополитичката пресметка на партиите го сметаме за непосредно загрозување на темелните вредности на македонскиот Устав, како правната заштита на приватна сопственост и слободата на пазарот и претприемаштвото“.
Земајќи предвид дека последниот напад доаѓа од пратеник на владејачка партија, тоа го доживуваме и како директна закана за што ќе ги информираме надлежните меѓународни организации.
Особено што тоа го направи на крајно клеветнички и неодговорен начин кон АД „Д-р Пановски“ и без никаков основ нè посочува како директен виновник за недостигот на лекови во јавното здравство за најтешко болните пациенти. Ваков говор на омраза е многу опасен преседан за македонските компании, креира правна несигурност, што е недозволиво за држава што е полноправен член на НАТО и претендент за полноправно членство во ЕУ.
Апсолутна невистина се обвинувањата дека АД „Д-р Пановски“ ја диктира ценовната политика на лековите и со тоа наводно го уценува јавното здравство со високи цени за онколошка терапија. Законот за формирање цени на лековите е донесен во 2007 година, со кој се регулира начинот на формирање на цените на лековите, каде што јасно стои дека одговорни за методологијата за формирање цени се Министерството за здравство и одделот за формирање цени на лекови при Министервото.
Зад квалификациите дека „Д-р Пановски“ е омилена партиска веледрогерија, всушност, се кријат бизнис-интереси со цел да се наместат нови доставувачи на лекови и медицински материјали и опрема.
Добронамерно му порачуваме на г. Лефков, пред да ја стави АД „Д-р Пановски“ повторно во некаков партиски контекст, внимателно да се информира колку јавните здравствени институции имаат заостанати долгови кон нашата компанија за веќе испорачани лекови и во кој период тие долгови се акумулирани.
Наш императив е пациентите да добиваат и да им биде достапна најсовремена медицинска терапија и затоа не ретко сме се ставале во функција на јавното здравство и тогаш кога тоа било на наша штета.
Наша обврска е да го заштитиме нашиот корпоративен имиџ бидејќи ваквите напади ни причинуваат сериозна нематеријална и материјална штета. Правниот тим на АД „Д-р Пановски веќе презема соодветни дејства во оваа насока“, се истакнува во демантот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс