Мицкоски: Македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните цели не се реализираат, а тоа е полноправно членство во ЕУ
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 24 Јануари 2025
„Не знам каде се препознале. Дали можеби имаат гризење на совеста, па работи потсвеста, Фројд е чудна работа. Но, јас нема да навлегувам во таква дебата“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање што подразбира под македонско прашање бидејќи од Атина го обвинија за иредентизам.
Тој истакна дека македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешките цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската Унија.
„Второ, вие знаете дека Судот за човекови права има донесено плејада пресуди што се однесуваат на човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, а кои не се почитуваат. Зборуваме за 21 век, зборуваме за земја членка на Европската Унија, која не ги почитува човековите права на македонската заедница. И тоа е нешто што претставува сериозен проблем. Вие гледате дека во 21 век сè уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било неодговорно, несериозно, издајнички од мене ако кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сè додека ја вршам оваа улога што ја вршам, а тоа е претседател на македонската Влада, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат од човекот што ја предводи македонската Влада“, изјави премиерот Мицкоски.
„Јас знам дека во минатото имало луѓе што ја предводеле македонската влада, на кои македонското прашање воопшто и не им било ни меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на Влада во која прв приоритет на претседателот на Владата му е македонското прашање“, заклучи Мицкоски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс