Пријавете мито во полиција, во здравството или на клиниките, повика Таравари откога хирург беше фатен со бележани 150 евра
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Јануари 2025
Министерот за здравство Арбен Таравари ги повика граѓаните да привајат доколку од нив се бара мито за вршење услуги во јавното здравство. Повикот доаѓа по вчерашното апсење хирург од Битола, фатен со бележани 150 евра за операција на жолчка.
„Јас ги охрабрувам сите што имаат факти да ги донесат или кај нас, или во МВР, или кај раководителите на клиниките. Каде било да пријават, тука сме да ги слушнеме и да провериме дали е вистина она што го кажуваат. За Битола имам точни информации. Директорката пред неколку дена беше известена од моја страна за одредени жалби за еден доктор. Сега не би сакал да спомнувам имиња тука, но ваквите акции секако дека ќе продолжат“, рече министерот Таравари.
Министерот Травари вели дека во Министерството за здравство добиле повеќе пријави и информации за злоупотреба на дополнителната дејност, која им е дозволена на лекарите, па оние пациентите што ги прегледуваат на државно, за побргу да бидат оперирани, ги повикуваат попладне кога работат приватно.
„Ги информираме директорите и веќе има една акција. Имаше уште еден обид да се види дали се случуваат вакви злоупотреби за време на редовното работно време да се работат пациенти што треба дополнително да се работат. Ние го даваме нашиот максимум, вработувања, колективен договор, покачувања на платите и бараме од медицинскиот персонал, медицинските екипи, да бидат коректни и да си ја вршат својата должност онака како што треба“, вели министерот Таравари.
Неговиот став е дека Лекарската комора треба да му ја одземе лиценцата на битолскиот хирург, но очекува за случајот за има и судска одлука.
Во вторникот попладне полицијата во Клиничката болница го приведе 64-годишниот М. С., хирург во болницата, под сомнение дека побарал и примил поткуп. Кај него биле пронајдени и одземени 150 евра, кои претходно биле обележани. Полицијата извести дека лекарот ја направил операцијата на жолчното ќесе на пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, ги побарал од синот парите што биле пронајдени кај него.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс