(Видео) Николова до Јаневска за укинувањето на предметите: Ќе ја понесете ли одговорноста за сите наставници што ќе останат без работа
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Јануари 2025
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати три прашања до министерката за образование Весна Јаневска поради лавината реакции на стручната фела за предложената концепција, со која предметите, како филозофија и социологија, стануваат изборни предмети, а етика, логика и педагогија целосно ќе се укинат.
Во тој контекст Николова се осврна на реакциите на професорите, повика на лична, морална, но и на политичка одговорност на Јаневска, за уништувањето на критичката мисла кај младите, како и дека со укинувањето на овие предмети многу професори ќе останат без работа.
„Во оваа предложена концепција, предметите, како филозофија и социологија, стануваат изборни предмети, а етика, логика и педагогија целосно ги укинувате. Ве прашувам, за која јавна дискусија зборувате? Зарем јавна дебата сметате дека е само поставување на концепцијата на веб-страницата на БРО? Како помисливте дека ќе правите сериозни реформи без јавна дебата? Токму поради тоа, имате сега безброј реакции. Професорите по филозофија од гимназиите, Институтот по филозофија при Филозофскиот факултет, а ним им се приклучија со реакција и Институтот за социологија и родови студии, професорите по ликовна уметност и музичко воспитание, понатаму Филозофското друштво на Македонија, Здружението на социолозите на Македонија, Средношколскиот сојуз – тоа се само некои од оние што ја критикуваат вашата концепција. Тие истакнуваат дека вакви реформи треба да бидат резултат на широка јавна дебата и консултации со сите засегнати страни. Како ќе одговорите на овие критики и дали ќе се разгледаат нивните предлози?“, праша Николова.
Доплнително, ја праша Јаневска и дали ќе понесе одговорност за сите наставници што ќе останат без работа.
„Недостигот на критичка мисла кај младите луѓе може да има далекосежни последици не само за нивниот личен развој туку и за општеството во целина, за мене – образованието без критичка мисла е како тело без душа“.
Оттука, ве прашувам, како министерка за образование и наука можете ли да предвидите што ќе се случи со напредокот во науката и општествениот развој ако се укине критичкото размислување во образованието? Дали сакате да ја укинете главната цел на образованието, а тоа е дека образованието треба да ги поттикне младите да мислат, да создаваат, да истражуваат, а не само да прифаќаат готови и наметнати идеи“.
Побара од Јаневска да ги именува поединците што биле креатори на оваа, како што ја нарече, поразителна концепција.
„Затоа ве прашувам и ве молам да ми дадете одговор кои конкретно поединци сте ги ангажирале за да ви наметнат идеја за уништување на критичкото размислување на младите и укинувањето на слободата? Јавноста има право тоа да го знае“, посочи Николова.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс