Презентиран Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската заедница

Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика; Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, одржаа состанок со претставници од Секретаријатот на Енергетската заедница.

 

Претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски, информира дека станува збор за редовна активност на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница кој еднаш годишно ги посетува националните парламенти на деветте земји – договорни страни на Енергетската заедница, каде врши презентација за степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во нивните земји.

 

Претседателот на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Беким Ќоку, апелираше да се земат сериозно предвид забелешките во Извештајот во склад со потребите на енергетскиот пазар.

 

Координаторот на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, Тони Јаревски, го окарактеризира Извештајот како компас за зајакнување на законите во насока на заштита на иднината.

 

Од страна на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, беше извршена презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Северна Македонија за 2024 година.

 

Лорковски истакна дека е тука за да се види каде е земјава во моментов, а тоа е некаде на средина, со умерен напредок, нагласувајќи дека напредокот се мери според растечкиот обем на работа.

 

Извештајот се осврнува на пет области: Енергескиот пазар и интеграција; Декарбонизација; Сигурност во снабдувањето;Подобрување на животната средина; Перформанси на надлежните органи.

 

Во Извештајот како главни постигнувања во 2024 година се наведува дека земјава е една од водечките договорни страни во развојот на обновливите извори на енергија;номинираниот оператор на електричен пазар (NEMO) ја заврши тендерската процедура и започна со имплементација на регистарот за гаранции на потекло, приклучувајќи се на регионалниот систем на Енергетската заедница; Изготвен е нов Закон за енергетика, кој има за цел транспонирање на Пакетот за интеграција на електрична енергија.

 

Како патоказ за наредниот период се наведува дека транспозицијата на Пакетот за интеграција на електрична енергија не смее да се одложува. Воспоставувањето на организиран пазар за интрадневно тргување и обезбедувањето на пазарно поврзување треба да биде приоритет. Транспозицијата на ревидираната регулатива за Трансевропските мрежи за енергија треба да се приоритетизира. Да се забрза темпото на складирање на нафтени резерви за да постигне 90 дена нето увоз што е можно поскоро. Потребно е брзо усвојување на Нацрт-законот за климатска акција. Целта за климатска неутралност до 2050 година треба да се интегрира во националното законодавство, а датумот за фазно исфрлање на јагленот да се вклучи во клучните документи. Процесот на ажурирање и усвојување на Националниот план за енергија и клима треба да се финализира што е можно побрзо. Ажурирањето на Патоказот за декарбонизација на Енергетската заедница за зајакнување на регионалната кохезија во одговор на Механизмот за прилагодување на јаглеродните гранични даноци. Усвојувањето на Законот за обновливи извори на енергија, заедно со измените на Законот за енергетска ефикасност и формирањето на Фондот за енергетска ефикасност, треба да биде завршено. Потребно е да се усвои усогласен правен систем за дозволи за проекти, вклучувајќи целосна транспозиција на Директивата за Оценка на влијанието врз животната средина. Лимитите на Националниот план за намалување на емисиите мора да бидат почитувани без одложување.

 

Претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски, ja затвори седницата со уверување дека Собранието во најкус можен рок ќе пристапи кон донесување на предложените законски решенија, како приоритет за земјава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.