
Мојсоска: Со ОЈО-ГОКК, кое бара само куќен притвор за „Пуцко“, раководи куќниот пријател на Ахмети
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 12 Март 2025

Пратеничката од редовите на Левица Јована Мојсоска, во објава на социјалните мрежи го поставува прашањето зошто едно од барањата е преиначено иако станува збор за ист случај, со Ратко Капушевски и Асмир Јахоски. „По направените разговори, Обвинителството за едниот обвинет побара притвор, додека за другиот домашен притвор“, пишува таа.
„Капушевски оди во притвор, Пуцко Петрол во куќен притвор. Која е разликата помеѓу Капушевски и Пуцко Петрол, што обвинителот го преиначи барањето за притвор во куќен притвор?“ – напиша Мојсоска на социјалните мрежи.
Мојсоска истакнува дека не е логично, за ваков случај обвинителството да оценува дека не постои опасност од бегство, имајќи ги во предвид претходните бегства на бизнисмени и политичари од државата во време кога против нив е отворен предмет за сторено кривично дело, како примерите за Васко Ковачевски (конкретно поврзано со овој случај) или Артан Груби.
„Откако избега Васко Ковачевски (кој директно е поврзан со набавката на мазут каде е замешан Пуцко Петрол), како обвинителот проценил дека нема опасност за бегство во случајот со Пуцко?! Во конкретниов случај, веќе има едно лице кое е недостапно за органите на прогонот, а сепак Обвинителство проценува дека нема опасност за бегство.“
Пратеничката истакнува дека Ислам Абази, кадар на ДУИ кој важи за близок до Ахмети, раководи со ОЈО-ГОКК и ова го потенцираше како причина зошто барањата за притвор се селективни.
„Иначе со ОЈО-ГОКК, кое бара куќен притвор само за Пуцко, раководи куќниот пријател на Ахмети, Ислам Абази. Затоа функционер од ДУИ не смее да оди во притвор“, додава Мојсоска
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
