Има интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија: евроамбасадорот Рокас најави посети на европски лидери во Скопје

Евроамбасадорот Михалис Рокас кажа дека се работи и е во тесна соработка со македонската владата со цел да се надминат сите преостанати прашања пред отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ.

 

Тој потврди дека има интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија.

 

„Постојат интензивни дипломатски активности за решавање на прашањето со Бугарија а во таа насока, лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, изјави Рокас по поставувањето на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.

 

Според него треба да продолжат напорите за имплементирање на реформите предвидени во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.

 

Премиерот Христијан Мицкоски во врска со ова прашање изјави дека досега слушнал многу изјави, но дека треба да се гледаат делата.

 

„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално, ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи и јазик“, кажа Мицкоски.

 

Според него, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи.

 

„Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи, не знам што е. Ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи – Албанците, Србите, Грците, Бугарите – но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците“, нагласи Мицкоски





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.