
Бугарија испрати јасна политичка порака дека не се посветени на изградба на Коридорот 8, вели Николоски кој алармирал во банките за пренамената на средствата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Март 2025

Министерот за транспорт и врски Аленсандар Николоски утрово алармирал во двете банки со кои земјава има потпишано договори за кредит од 350 милиони евра за изградба на железничкиот Коридор 8, дека доколку не се користат средствата тоа ќе биде по вина на Бугарија. Писмата ги испратил со цел да го заштити финансискиот интерес на државата која доколку не ги користи одобрените пари, ќе треба да плаќа резервации.
„Со жалење ја примив информацијата која стигна вчера, а која веќе е и официјален документ усвоен од бугарската Влада, со кој Бугарија одлучи да ги тргне средствата кои претходно беа предвидени за реконструкција на делот на пругата од Софија до Ѓуешево. Имајќи предвид дека пруга има, но таа е во очајна состојба и практично не може да се користи, не треба само да се изведе клучка и да се изгради тунелот со Бугарија туку многу побитно, да се направи реконструкција од Софија до Ѓуешево со цел Скопје и Софија да се спојат. Имајќи предвид дека донесоа одлука средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на нивната посветеност, одноно непосветеност на изградбата на желеничкиот Коридор 8“, рече министерот Николоски.
Според него со овој потег на Бугарија паднала во вода целата пропаганда водена изминативе седум месеци против нашата Владата, против него и против премиерот дека се против поврзување со Бугарија.
Николоски вели дека останува силно посветен на железничкиот Коридор 8 и оти во овој момент активно се работи на втората секција во должина од 34 километри, која оди од Бељаковце до Крива Паланка.
„Остануваме посветени на дијалог со Бугарија за изнаоѓање на заеднички прифатливо техничко решение за тунелот кој треба да ги спојува двете држави и изградба на третата секција. Сметаме дека Коридорот 8 е исклучително значаен не само за Македонија туку за целиот регион и за цела Европа. Тоа е НАТО коридор, коридор кој што е втор најзначаен за НАТО и нашата посветеност останува“, вели министерот Николоски.
Освен банките тој за новите случувања околу железничкиот Коридор 8 испратил писма и до Европската делегација и до европската транспортна заедница. Очекува дијалогот со Бугарија да продолжи, а последниот чекор за средба извести дека го направил на седми март кога преку Министерството за надворешни работи испратил формално писмо бугарската Влада до бугарското Министерство за транспорт и до сите одговорни. Формирал и работна група на највисоко ниво во која членува и самиот тој и очекува и Бугарија да постапи исто за железнички да се поврзат Скопје и Софија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
