Мицкоски: Достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство, нашата посветеност кон евроитеграциите ќе се засили во периодот кој што следи

 

Присуството на претседателот на Европскиот совет, господинот Кошта, не е само потврда на нашата длабока дипломатската соработка, туку и реален чин на внимание, поддршка и интерес за иднината на нашата држава и за иднината на Западниот Балкан да биде наскоро дел од Европската Унија. Во оваа нова етапа, кога граѓаните ја препуштија одговорноста на новата македонска влада, моја обврска како премиер е да зборувам отворено, искрено и достоинствено. Тоа го правам првенствено затоа што имам должност кон народот, но и кон самата европска идеја што толку упорно настојуваме да ја реализираме, истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на европскиот совет Антонио Кошта.

 

„Нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе остане и ќе се засили во периодот кој што следи, затоа што веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство..

 

Претседателот Кошта во неговиот говор пред малку кажа дека патот до полноправно членство во рамките на Европската Унија е фрустрирачки, тежок и предизвикувачки, но ние како граѓани, како народ можеме да кажеме дека години го одиме најтешкиот пат.

 

Факт е дека тој пат го одеа и другите народи кои што сега се дел од европското семејство, но граѓаните на оваа, една од најмалку бројните земји во срцето на Балканот и во Европа, го одеа и го одат најтешкиот пат ако може да се каже дека го одат бидејќи се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 20 години“, кажа Мицкоски.

 

Изрази надеж дека во периодот кој што следи заеднички ќе го одблокираат тој процес, достоинствено како што рече, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството.

 

„И достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта која што лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта која што ја имаме и од Европската комисија и од земјите членки, сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи и реформи кои што ќе обезбедат европска иднина за нашата држава и за нашите граѓани“, додаде премиерот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.