
Костова: Просечно македонско семејство не може да си ги покрие основните трошоци во месецот
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 15 Мај 2025

Додека се распаѓа владината коалиција, граѓаните се оставени сами на себе – цените растат, стандардот опаѓа, економската состојба е катастрофална, обвини потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
„Животот е сѐ поскап, а платите не мрдаат. Маслото за јадење, млекото, лебот, јајцата – основните прехранбени производи – сѐ е поскапено. Пакување од 10 јајца, е веќе 113 денари, маслото за јадење над 90 денари, килограм брашно 49 денари, јогурт 87 денари, покачени се цените на млекото, сирењето. На пазарите исто така има посапувања на овошјето и зеленчукот. Црешите веќе станаа луксуз. Последните податоци за потрошувачката кошничка се поразителни, зголемена е за 836 денари за еден месец. Веќе три минимални плати се потребни за да може да се преживее“, рече таа.
Според неа, една просечно македонско семејство со две деца не можат да ги покријат основните трошоци во месецот, платите не стигнуваат од први до први.
„Како да се покрие храна, струја, вода, школо, лекови? Нема со што да се плати рата за кредит или кирија. Народот се мачи како да истурка месец за месец, додека власта се гоштева со манго, папаја, октоподи. Ова не се статистики, ова е суровата реалност на луѓето во Македонија. На пензионерите кои бројат денови до следната пензија. На младите семејства кои веќе не можат да си дозволат ни основни работи. На самохраните родители кои се борат со скапотијата. На сите оние што се трудат чесно да работат, а не можат да живеат пристојно“, рече Костова.
Таа додаде дека животот во Македонија никогаш не бил поскап, а Владата нема решение за високите цени.
„Премиерот не знаел дека цените биле поскапени, па ќе чекал, да видел какви ќе биле анализите, па ќе реагирале. Ова не е само несериозно, ова е директно признание за промашените владини политики и тотална негрижа за стандардот на луѓето. СДСМ со месеци наназад алармира и предлага конкретни решенија кои власта упорно ги одбива: Укинување ДДВ за храна, зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, зголемување на платите во приватниот сектор и поддршка за домаќинствата со најниски приходи“, рече Костова.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
