
УКИМ одбележува 76 години од основањето
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 20 Мај 2025

Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, најстарата и најголема високообразовна институција во земјава, годинава одбележува 76 години од своето основање. По тој повод, Универзитетот организира тридневна програма на настани кои ќе се одржат на 22, 23 и 30 мај, како дел од чествувањето на јубилејот и патрониот празник – Денот на светите Кирил и Методиј.
Свеченостите ќе започнат на 22 мај (четврток) со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Дом на АРМ.
Централниот настан ќе се одржи на 23 мај (петок), и истиот ќе започне на платото пред Ректоратот, кадешто ќе се положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј, а потоа програмата ќе продолжи во свечената аула на Универзитетот. Предвидени се обраќања на ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, по што ќе следи свечено доделување на награди за најдобрите дипломирани студенти за учебната 2023/2024 година, како и доделување на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“. Настанот ќе биде збогатен со уметничка програма на студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Одбележувањето на годишнината ќе продолжи и на 30 мај (петок), со уште еден значаен настан – свечено доделување на титулата почесен професор (professor honoris causa) на професор д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија. И овој ден ќе биде придружен со пригодна уметничка програма.
„УКИМ останува симбол на академска извонредност, научен развој и општествена одговорност. Веќе 76 години сме двигатели на знаењето, критичката мисла и прогресот во нашето општество. Денес, УКИМ е дом на илјадници студенти, наставници и истражувачи кои го градат патот кон иднината“, наведоа од УКИМ.
Прославата на 76 годишнината на УКИМ е потсетник за улогата што Универзитетот ја има како темел на академскиот развој во земјата и најдоброто место за отпочнување и градење на успешна професионална иднина.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
