Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Гостивар

На 19-ти мај, Денот на сеќавањето на големиот реформатор и основач на Турската Република, Кемал Ататурк, како и Денот на младите и спортот, којшто го слават припадниците на турската заедница, Сиљановска-Давкова ги посети OOУ „Мустафа Кемал Ататурк“ и здружението „Адексам“ во Гостивар и оствари средба со жителите на селото Горна Бањица.

 

Во обраќањето пред присутните, таа истакна дека образованието на мајчин јазик е претпоставка за зачувување на националниот и културниот идентитет и им укажа на учениците и родителите дека нема подобра инвестиција од влогот во знаењето.

 

Во училиштето, со најмногу ученици од турската заедница и настава на турски, македонски и албански јазик, претседателката беше запознаена со неговиот развој, капацитети и персонал, а потем ја проследи прекрасната приредба, колаж на ора, музички точки, ораториум и рецитирање.

 

За неа, но и за директорот на училиштето, мултикултурниот амбиент е одлична средина за градење соживот, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.

 

За успесите и проблемите на турската заедница во земјава, таа разговараше со претставниците на турските здруженија од Гостивар. Тахсин Ибрахим, претседател на здружението „Адексам“ и на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), информираше за нивното повеќедецениско дејствување во областа на културата и образованието.

 

Посочувајќи ги главните предизвици во основното и средното образование, Ибрахим истакна дека и покрај исполнетите услови во одредени општини нема настава на турски јазик. Во разговорот беше укажано на потребата од доследна примена на начелото на правична и соодветна застапеност на Турците во државните органи и институции.

 

Претседателката ги охрабри во гласноста на обзнанувањето на проблемите и вети лична заложба во нивното адресирање, обзнанување и надминување.

 

Во Горна Бањица, Сиљановска-Давкова нагласи дека високо ја цени традиционалната лојалност на жителите од овој крај кон државата и го поздрави придонесот во негувањето на турската култура, на здруженијата „Алтин Пармаклар“ и „Намик Ефенди“.

 

Присутните изразија незадоволство од експропријацијата на плодното земјоделско земјиште за потребите на изградбата на инфраструктурата со пренизок надомест, се додава во соопштението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.