Бајага гостин на Влатко Стефановски на јубилејниот концерт во Скопје

Главен гостин на Влатко Стефановски на јубилејните концерти што ќе се одржат на 9 и 10 мај, со кои тој одбележува 50 години на музичката сцена, ќе биде легендарниот кантавтор и лидер на групата „Бајага и Инструктори“, Момчило Бајагиќ Бајага.

 

Двајцата музички великани се долгогодишни соработници и пријатели, а нивниот заеднички настап во Скопје ќе донесе незаборавни моменти за публиката. Покрај Бајага, на сцената со Стефановски ќе се приклучат и други ценети музичари, меѓу кои кларинетистот Горан Бојчевски, мултиинструменталистот Дамир Имери, басистот Иван Кукиќ и синот на Влатко, Јан, на тапани.

 

Првиот концерт на Влатко Стефановски во Македонската филхармонија е распродаден со рекордна брзина, а поради огромниот интерес е отворен дополнителен термин – 10 мај 2025 година. Концертите ќе претставуваат пресек од неговата богата кариера – од деновите со култната група „Леб и сол“ до неговиот успешен соло пат.

 

Препознатливиот спој на инструментален рок, етно џез, блуз и македонска традиционална музика ќе добие нова димензија со специјалните гости, а публиката ќе ужива во изведбите на класици како „Чукни во дрво“, „Gipsy Song“, „Чувам ноќ од будни“, „Као какао“ и „Македонско девојче“. Дополнително, Стефановски неодамна го сними албумот „London Sessions“ во легендарното Abbey Road Studio 3 во Лондон, со врвни музичари, меѓу кои неговиот син Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на електричен контрабас.

 

Снимањето и продукцијата ги водеше Горан Мартинац, а завршната обработка ја направи добитникот на Греми, Шон Меги. Албумот е достапен и во трипл-LP издание.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.