Таткото на 19-годишната Австралијка која почина од труење со вотка во Лаос: Сакаме правда
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 18 Декември 2024
Таткото на Австралијката Холи Боулс (19), една од шесте туристи што починаа од труење со метанол во Лаос минатиот месец, во интервју за Би-би-си изјави дека бил во неверување кога сфатил дека ќерка му нема да преживее.
Медиумот потсетува дека тиинејџерката патувала низ Југоисточна Азија со својата најдобра пријателка Бјанка Џонс. Тие се разболеле откога испиле алкохол за кој се верува дека е контаминиран со метанол. Бјанка почина на 21 ноември, а Холи еден ден подоцна.
На крајот, во малото туристичко гратче Ванг Виенг починаа вкупно шест туристи. Сите пиеле контаминирани алкохолни пијалаци, имено вотка, за која се верува дека содржела смртоносна количина метанол.
Процесот на тагување, рече таткото на Холи, бил олеснет поради фактот што тој е најдобар пријател со таткото на Бјанка, Марк. Тие двајца пред 25 години патувале и на Тајланд.
„Едноставно, бизарно е да се помине низ истото тоа со вашиот најдобар пријател. Самото тоа што сме заедно и само разговараме ни помага да ги поминеме деновите“, рече тој.
Патувањето на Холи беше планирано за да го прослави нејзиното дипломирање, а од почетокот Шон разговараше со неа на секои неколку дена.
Холи и Бјанка биле пренесени во болница откога не успеале да се одјават од хостелот „Нана Бакер“, каде што биле пронајдени во несвест.
Шон и неговото семејство добиле информација преку пријателите на девојките дека Холи и Бјанка не се чувствуваат добро.
„Кога добивате информации од втора рака, навистина е тешко да се сфати точно во каква состојба е некој“, рече тој.
Тој и таткото на Бјанка, Марк, излетале следниот ден, дотогаш девојчињата биле во болница во Удон Тани преку границата од Лаос на Тајланд.
„Таа, едноставно, беше полна со живот. Беше самоуверена, полна со љубов, беше вистинска пријателка. Таа беше сè што сакате да биде вашата ќерка“, рече Шон.
Сега, вели Шон, неговиот фокус е на подигање на свеста за труење со метанол кај другите млади луѓе што патуваат во Југоисточна Азија.
„Ние апсолутно сакаме кој е одговорен за ова да биде изведен пред лицето на правдата и ќе направиме сè што можеме за да се осигуриме дека тоа ќе се случи“, рече тој.
Другите четири жртви се Симон Вајт, 28-годишна адвокатка од Велика Британија, Џејмс Луис Хатсон, 57-годишен Американец, и две жени од Данска, Ен-Софи Оркилд Којман (20) и Фреја Венервалд Соренсен (21). Досега се уапсени осум лица.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс