Астронаути на НАСА заглавија во вселената пред половина година, нивното враќање повторно одложено
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 18 Декември 2024
Враќањето на Земјата на двајцата астронаути на американската вселенска агенција НАСА, кои моментно се наоѓаат на Меѓународната вселенска станица, повторно е одложено, соопшти НАСА.
Сунита Вилијамс и Бери Вилмор се заглавени на Меѓународната вселенска станица од јуни поради технички проблеми со вселенското летало „Старлајнер“. Двајцата требаше да останат таму само една недела.
НАСА тогаш објави дека треба да се вратат во февруари 2025 година, но Агенцијата сега соопшти дека лансирањето на нивните замени е одложено.
„’Спејс икс кру-10′ на НАСА сега има цел да лансира вселенско летало со четири членови на екипажот до Меѓународната вселенска станица (ISS) најдоцна до крајот на март 2025 година“, се вели во соопштението на американската вселенска агенција.
„Презакажувањето им дава време на тимовите на НАСА и ‘Спејс икс’ да ги завршат сите подготовки за лансирање на новото вселенско летало ‘Драгон’ за таа мисија.
Мисијата „Кру-9“, која ги вклучува Вилијамс и Вилмор, ќе се врати по пристигнувањето на мисијата „Кру-10“.
„Познат како период на предавање, овој временски интервал му овозможува на стариот екипаж да ги сподели сите научени лекции со новопристигнатиот екипаж и подобро да го префрли научното истражување и одржување во вселенскиот комплекс“, објави НАСА.
Две летала за снабдување неодамна пристигнаа на ISS, а вселенската станица е добро опремена со сè што му треба на екипажот, вклучувајќи храна, вода, облека и кислород, според НАСА.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс