
Европската комисија најави пропорционален одговор на американските царини
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 06 Април 2025

Следната недела Европската Комисија ќе воведе контрамерки како одговор на американските царини за увоз на алуминиум и челик, додека одговорот за воведувањето царини за автомобили и реципрочни тарифи од 20 проценти за голем број производи ќе следи по анализа и консултација со земјите-членки.
Од 12 март на сила е одлуката за 25 отсто царини за увоз на алуминиум и челик во САД од целиот свет, а од 3 април и 25 отсто за сите автомобили и автомобилски делови што не се произведуваат во САД.
На 2 април, американскиот претседател Доналд Трамп најави реципрочни царини, минимум 10 отсто за сите, а уште повисоки царини за околу 60 земји, кои ќе стапат во сила од среда, на 9 април. Тој воведе царини од 20 отсто за Европската унија и 34 отсто за Кина, но и 33 отсто за Македонија.
Останува нејасно дали најавените тарифи ќе останат трајни или се дел од тактиката за добивање отстапки. Трамп рече дека царините ќе му дадат „голема преговарачка моќ“.
До средината на минатата недела, Комисијата ги консултираше земјите-членки за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум, а одлуката се очекува да биде донесена во среда и да стапи на сила на 15 април.
Одлуката се носи на предлог на Комисијата во рамките на комитолошката постапка, што во пракса значи дека Комисијата може да донесе одлука доколку на неа не се спротивстави квалификувано мнозинство (55 отсто од земјите-членки кои претставуваат најмалку 65 отсто од вкупното население на ЕУ). Во случај да нема квалификувано мнозинство за или против предлогот, Комисијата може самостојно да донесе одлука.
Комисијата најави пропорционален одговор до 26 милијарди евра, што одговара на економскиот опсег на американските царини.
Во однос на контрамерките на американските царини за автомобили и автоделови и за реципрочните царини од 20 проценти, Комисијата посочува дека нема да избрзува, дека сака се детално да анализира.
Комисијата не сака да каже какви мерки би можела да преземе и нагласува дека „се е на маса“.
„Сите опции се на маса и не сакаме да шпекулираме што ќе правиме“, изјави за новинарите висок функционер на Комисијата кој сакаше да остане анонимен. Притоа ќе се води сметка евентуалните контрамерки да бидат што поболни за САД, а во исто време да и донесат што помала штета на Европа, односно да се воведат царини за американските производи за кои постои алтернатива.
„Нема да воведеме царини за производи што не ги произведуваме, додека Американците воведоа царини, на пример, за кафе или банани, кои тие воопшто не ги произведуваат“, изјави неименуван претставник на Комисијата. Тој додаде дека Европејците имаат алтернативи, на пример за мотоцикли „Харли Дејвидсон“, фармерки „Левис“ или соја.
Според првите проценки на Комисијата, реципрочните царини од 20 отсто се однесуваат на околу 290 милијарди евра европски извоз во САД, што на Американците би им донело приход од 58 милијарди евра.
На автомобили и автоделови што ЕУ ги извезува во вредност од околу 66 милијарди евра, приходот од царина од 25 отсто би изнесувал 16,5 милијарди евра, додека на извозот на алуминиум и челик во износ од 26 милијарди евра, царинскиот приход би изнесувал 6,5 милијарди евра.
Севкупно, дополнителните американски царини се однесуваат на стоки во вредност од околу 380 милијарди евра, што е околу 70 отсто од вкупниот извоз од ЕУ во САД. Со ова Соединетите Американски Држави би оствариле царински приход од 81 милијарда евра годишно, наместо досегашните 7 милијарди. Но, сумата од околу 80 милијарди можеше да се достигне само под услов обемот на трговската размена да остане ист, што не е логично да се очекува бидејќи обемот на трговијата се намалува со царинските бариери.
Комисијата има ексклузивна јурисдикција над надворешната трговија и земјите-членки не можат директно да преговараат со администрацијата на Трамп. Истовремено, мора да се внимава рамномерно да се распредели товарот на контрамерките, бидејќи не сите членки се подеднакво зависни од трговијата со американскиот пазар.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
