„Организираниот енергетски пазар во подем“: Божиновска во посета на МЕМО

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го посети Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, во рамки на нејзините активности за редовни посети на енергетските капацитети и институции под ингеренции на Министерството.

 

Во текот на посетата, министерката беше информирана за активностите на МЕМО, вклучувајќи ги напорите за унапредување на организираниот пазар на електрична енергија во Македонија. Беше ставен акцент на зајакнувањето на Македонската берза на електрична енергија, која е под раководство на МЕМО. Берзата, која започна со работа на 10 мај 2023 година, обезбедува конкурентен пазар за електрична енергија во земјата.

 

„МЕМО игра клучна улога во обезбедувањето на енергетска стабилност и транспарентност на пазарот на електрична енергија. Како Министерство, целосно ја поддржуваме оваа институција во напорите за модернизација и развој, што е клучно за енергетската стабилност и економскиот развој на земјата“, истакна министерката Божиновска.

 

Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски нагласи дека зајакнувањето на Македонската берза на електрична енергија е приоритет за МЕМО, со цел да се обезбеди сигурно и транспарентно место за тргување на електрична енергија за сите учесници на пазарот.

 

„Во овој момент 37 компании тргуваат на домашната берза за електрична енергија што е потврда за воспоставената сигурност и релевантни цени за секој час од денот. МЕМО веќе го воведува еврото како валута за тргување во првиот квартал на оваа година со што станува поотворен за меѓународно тргување со електрична енергија, а воедно ова е и еден од предусловите за пазарно спојување (market coupling) со берзите на соседните земји и членки на ЕУ. Интензивно работиме и на развој на интрадневен пазар“, истакна Ѓорѓиевски.

 

Министерката беше информирана и за тековните активности на МЕМО за успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија. Како што истакна Ѓорѓиевски, очекуваат целосна имплементација на софтверот за неколку месеци.

 

Божиновска ја нагласи важноста на воспоставување и водење на регистарот на гаранциите за потекло на електрична енергија како значаен механизам кој придонесува за енергетска транзиција и доверба на пазарот.

 

„Овие механизми ќе обезбедат поголема транспарентност и конкурентност, што е од суштинско значење за привлекување инвестиции во обновливи извори на енергија и зајакнување на економската стабилност на енергетскиот сектор“, додаде министерката.

 

Оваа посета е дел од континуираните активности на министерката Божиновска за директна комуникација со клучните енергетски субјекти, со цел подобро разбирање на нивните предизвици и потреби, како и заедничко планирање на идните чекори за обезбедување на сигурна и одржлива енергетска иднина за Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.