Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски ослободени од гонење за „Oрганизатори на 27 април“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 23 Јануари 2025
Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се ослободуваат од кривично гонење во предметот „Организатори на 27 април“.
Судот со денешната одлука ја прекина судската постапка против четворицата обвинети, која се водеше по вторпат. Четворицата беа обвинети и им се судеше како организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
„Барањето за примена на амнестија поднесена од обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 31.05.2019 година за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност од член 313 од Кривичниот закон“, изјави судијата Илија Трпков при соопштувањето на одлуката.
Кривичниот суд ја донесе одлуката по доставеното мислење од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека за обвинетите треба да се примени Законот за амнестија од 2018 година.
Со истиот закон во друга постапка беа ослободени поранешните пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен, Владо Јовановски и Игор Дурловски.
Судијата Трпков во два наврати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и по трет пат да се произнесе, а ситуацијата дополнително доби друг тек откако ОЈО ГОКК во декември лани даде позитивно мислење.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс