Филмовите на Кустурица на програмата на Кинотеката

 

Во мај 2025 година Кинотеката ја претвора својата проекциска сала во вистинско светилиште на сликата, мислата и сеќавањето. Богатата и внимателно курирана програма ја слави моќта на филмот да размислува, сведочи, предизвикува и да возбудува.

 

Со акценти врз авторски поетики, политичка историја и философска рефлексија мајскиот репертоар претставува редок пример на културна програма, која истовремено е и уметничка прослава и интелектуална провокација.

 

Балканот и сонот: Емир Кустурица

Програмата почнува со два антологиски филма на Емир Кустурица – „Подземје“ и „Аризона дрим“, кои ја отелотворуваат неговата единствена авторска визија. „Подземје“ е епопеја за историјата на поранешна Југославија, раскажана како гротескен театар на апсурдот, каде што реалноста и илузијата коегзистираат во еден подземен лавиринт на заблуди. „Аризона дрим“, пак, е своевидна бајка за американскиот сон низ погледот на балканскиот емигрант, обоена со магичен реализам, иронија и меланхолија. Филмовите на Кустурица не се само приказни – тие се блуз, балада и политичка сатира во едно.

 

Ин мемориам: Џин Хекман

Во чест на неодамна починатиот Џин Хекман, Кинотеката приредува омаж со проекции на два негови незаборавни филма: „Разговорот“ на Френсис Форд Копола и „Непростено“ на Клинт Иствуд. Првиот го прикажува Хекман во улога на интровертен експерт за прислушување, фатен во мрежа на параноја и морална дилема, а вториот го претставува како насилен шериф што го преиспитува митот за херојството. Хекман останува синоним за актерска прецизност, длабочина и човечка кревкост.

 

Пазолини: Поетот на радикалното
Мајската програма вклучува и ретроспектива на култниот италијански режисер Пиер Паоло Пазолини, чија филмографија претставува постојан судир помеѓу поезијата и политиката, телесното и божественото, порокот и светоста. Неговите филмови сведочат за бескомпромисната борба против културната хомогенизација и буржоаската хипокризија.

 

Солидарност на големото платно: Полската совест

Во соработка со Амбасадата на Полска, Кинотеката претставува избор на филмови со наслов „Солидарност на големото платно“, посветен на едно од највлијателните демократски движења во Источна Европа. Преку дела на Кшиштоф Кишловски, Агњешка Холанд и посовремени автори гледачите ќе може да ги почувствуваат драмите на политичката совест, отпорот и колективната меморија. Овој циклус не е само историска ретроспектива – тој е и потсетник на улогата на филмот како сведок и фактор на општествени промени.

Во рамките на мајскиот циклус „Солидарност на големото платно“, Кинотеката на Македонија со гордост ќе ги угости двeте извонредни имиња од современата полска документаристика – режисерот Куба Микурда и визуелната уметница и филмска монтажерка Лаура Павела.

Куба Микурда е полски режисер и филмски теоретичар, чија работа се одликува со уникатна психоаналитичка перспектива и иновативен пристап кон архивските материјали. Иако нема формално филмско образование, неговата стручност произлегува од современата психоанализа – како поранешен студент на Славој Жижек, тој е автор на книга за поимот „не-се-сè“ кај Жак Лакан. Микурда е автор на високо оценетите документарци „Love Express: Исчезнувањето на Валеријан Боровчик“ (2018), „Бегство на сребрениот глобус“ (2021) и „Соларис, моја љубов“ (2023), а предава и на престижната Филмска академија во Лоѓ.

Павела, пак, е визуелна уметница, скулпторка и монтажерка со богато искуство во областа на уметничкиот и документарниот филм. Таа е авторка на многубројни изложби во Полска и светот и предавачка на предметот found footage на филмска академија. Павела е долгогодишна соработничка на Микурда со кого го има снимено филмот „Соларис, моја љубов“, а заедно со Изабела Пајонк беше номинирана за престижната награда „Орел“ за монтажата на „Бегство на сребрениот глобус“ во 2022 година. Нејзината работа се одликува со префинето чувство за асоцијативна монтажа на архивски материјали – тема на нејзините неодамна завршени докторски студии.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.