Ова не беше момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност: Студентскиот отпор за денешните говори на Јаневска и Ангелова

На денешниот собир пред платото на УКИМ, на кој присуствуваа илјадници студенти со цел да оддадат почит за жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочевме на груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од страна на институциите, реагираат од Студентскиот отпор.

 

„Наместо 7-минутен молк и достоинствено оддавање на почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција.

 

Додека тие ги читаа своите подготвени изјави, неколку студенти се почувствуваа лошо и побараа итна медицинска помош. Но, наместо внимание кон оваа ситуација, ректорката и министерката продолжија со своите говори, целосно игнорирајќи ја состојбата на студентите. За нив, поважна беше ПР кампањата отколку почитта кон жртвите и здравјето на младите кои присуствуваа на собирот.

 

Студентите јасно и гласно порачаа дека ваквото однесување е недостоинствено и неприфатливо“.

 

Ова, реагираат од Студенсткиот отпор, не беше момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност со нивните семејства. Наместо тоа, сведочевме, како што велат, на срамна институционална експлоатација на трагедијата.

 

„Студентски отпор го осудува ова однесување и бара одговорност од институциите. Бараме идни комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација. Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат нивната болка да се користи за нечии ПР поени.

 

Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите. Доколку се обидат да го сторат тоа, „Студентски отпор“ ќе ги поведе студентите во борба за вистинско застапување на нивните интереси“





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.