„ТАВ Македонија“ и Меѓународниот аеродром „Скопје“: Не продаваме изгубен багаж, лажни профили на социјалните мрежи сакаат да изнудат податоци од граѓаните
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 23 Јануари 2025
„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, ја информира и ја предупредува јавноста дека има лажни страници и профили на социјалните мрежи, на кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром „Скопје“.
„Ова се лажни објави на социјалните мрежи преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’, односно аеродромскиот оператор ‘ТАВ Македонија’, а понатаму корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници, каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски сметки со цел да бидат измамени да направат трансакција. Затоа, апелираме до јавноста да бидат внимателни додека се онлајн, особено кога се бара да ги вметнат своите лични податоци и детали за трансакциски сметки, кои може дополнително да бидат злоупотребени“, велат од ТАВ и додаваат:
„Како сериозна и одговорна компанија, која се грижи за своите клиенти, ‘ТАВ Македонија’ ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед, особено затоа што во аеродромската дејност изгубениот багаж им се враќа на сопствениците во согласност со утврдена процедура, односно со изгубениот багаж никогаш не се тргува.
Дополнително, ја потсетуваме јавноста дека сите официјални информации и новости во врска со и за Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ може да се најдат на веб-страницата на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ https://skp.airports.com.mk/mk-MK/; како и на нашите страници на социјалните мрежи:
фејсбук-страница: https://www.facebook.com/SkopjeAirport;
инстаграм-страница: https://www.instagram.com/skopjeairport/; и
твитер-страница (X): https://x.com/skopjeairport
Сите други веб-страници и страници на социјалните мрежи на кои луѓето може да наидат лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ и со дејноста на ‘ТАВ Македонија’“, посочуваат од таму.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс