Мицкоски: Николоски е овластен да го потпише стратешкиот договор, ќе се реконструира и модернизира железничкиот транспорт

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува проектот за градба на железница кој ќе произлезе од парите кои ќе се добијат како резултат од Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и кога ќе се потпише договорот за инвестиции, изјави:

 

„На денешната седница на Владата, којашто е во тек, ќе биде овластен потпретседателот на Влада и министер за транспорт да замине во Лондон, да го потпише договорот оваа недела. Мислам дека утре или задутре, среда или четврток ќе биде и официјално потпишан и на тој начин ќе отпочне проектот за реализација на економскиот дел од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Имаме на располагање 5 милијарди фунти, околу 6 милијарди евра за проекти коишто се стратешки, јас би рекол трансформациони за државата“.

 

Пругата како што потстеи е дел од Коридорот 10 којшто ги поврзува Табановце со Гевгелија.

 

Тој проект, според Мицкоски, опфаќа целосна модернизација, реконструкција и изградба на уште еден паралелен колосек.

 

„Практично ќе имаме два колосека сега, со што карго транспортот ќе се случува со просечна брзина поголема од 110 километри на час. Денеска буквално, композициите за карго транспортот лазат кога се движат по Коридорот 10, на некои места и по 5-10 километри на час, се вози. Во просек таа брзина е негде околу 25 километри на час, а патничкиот ќе биде околу 160 километри на час, така што ќе има за неколку пати поголема и побрза размена на карго транспортот и на патници.

 

Истовремено го завршуваме проектот за Клиничкиот центар во Штип, со што овој дел од државата ќе добие вистински современа и модерна здравствена нега, вклучително и Медицински факултет и студентски дом со две стотини легла. Истовремено, како додаток на тоа, ќе ја градиме Болницата, за којашто веќе постигнавме согласност, во Кичево и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово“.

 

Ова, нагласи Мицкоски е само почеток, а потоа следен чекор се и други проекти во делот на енергетиката, транспортот, во здравството, и ова како што појасни се капитални инвестиции.

 

„И сеуште не можам да се изначудам на некои коментари коишто доаѓаат од опозицијата, а најмногу се чудев, кога вчера, коментарот беше од таму, дека се задолжуваме за капитални инвестиции.

 

Јас навистина не знам кој ја подготвува комуникациската стратегија во опозицијата, но мојот совет до нив е дека, не одат добро и мислам дека на Македонија и е потреба квалитетна опозиција, конструктивна, којашто тоа што го артикулира како порака, практично ќе додава вредност, а не да делува, би рекол, на моменти и смешно.“





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.